Претседателот на Движењето Беса, Африм Гаши, зборуваше околу можноста за обединување на двата огранока на партијата. Во синоќешното гостување во „Клик Плус“, изјави дека немал средба со Биљал Касами. Пораката која Гаши ја испрати е дека во неговата партија нема место за предавници.
Н: Кажете ми Вие лично дали сте контактирале некогаш со господинот Касами за да видите дали има можност за надминување на разликите?
А: Не.
Н: Дали е добро или лошо ова?
А: Добро е.
Н: Дали би вредело доколку се обедините?
А: Политичките субјекти се отворени, многу луѓе ќе дојдат, а многу луѓе ќе заминат. Ние сме коректни со нашето политичко застапување, со граѓаните и со нашите гласачи, а за луѓето кои се предавници нема место во Беса.
Н: Предавници од кој аспект? Политички?
А: За оние кои се предавници нема место во Беса од секој аспект, пријателски, братски, не би требало ни гласачи да бидат воопшто. Не се гледам себе си опкружен со такви личности. Подобро да има помалку луѓе, отколку многу кои нема да дадат добри ефекти за Албанците.
Гаши рече дека очекува што поскоро да заврши судскиот процес околу тоа кому му припаѓа партијата. Вели дека сака ова поглавје да заврши во најбрз можен рок и додаде дека мнозинството се враќа во своето „гнездо“.
РЕПОРТЕР: АРМЕНД АБАЗИ