Здравје Магазин

Можеме ли да се навикнеме на екстремните горештини?

Можеме ли да се навикнеме на екстремните горештини?

Во многу европски земји јуни ги собори температурните рекорди. Експертите се согласни дека периодите со екстремни горештини ќе бидат сè почести и поинтензивни. Единственото што ни преостанува е да научиме како да се приспособиме. Но, како?

Во текот на јуни беа измерени рекордни температури во Франција, Шпанија, Обединетото Кралство, Холандија, Швајцарија и Германија. Германската метеоролошка служба (DWD) соопшти дека никогаш досега во Германија не било забележано толку долго траење на екстремни горештини толку рано во годината.

Ваков продолжен топлотен бран, со дневни температури над 30 степени и тропски ноќи во кои температурата не паѓа под 20 степени, претставува сериозен предизвик за човечкиот организам. Особено се изложени на ризик малите деца, бремените жени, постарите лица, хронично болните, како и луѓето што вршат тешка физичка работа или работат на отворено, пишува „Дојче веле“.

Дали луѓето од потоплите краишта полесно ги поднесуваат горештините?

„Човечкото тело има способност да се приспособува, а таа способност е поразвиена кај луѓето кои постојано се изложени на високи температури“, вели докторката и универзитетска професорка Клаудија Трајдл-Хофман.

Таа е директорка на Институтот за медицина на животната средина при Универзитетот во Аугсбург, каде што лекува пациенти со заболувања предизвикани од влијанието на животната средина.

Истовремено, Трајдл-Хофман раководи и со Институтот за медицина на животната средина при „Хелмхолц Минхен“, каде што ги истражува болестите поврзани со климатските и еколошките промени. Како член на научниот советодавен одбор на германската влада, таа учествува и во креирањето на здравствените политики.

Во својата книга „Медицина на иднината – Лекување во променет свет“, таа истакнува дека на човечкиот организам му е потребно време за да се приспособи на променетите услови – не години, туку векови.

Што се случува во организмот кога е многу жешко?

„Веќе при надворешна температура од 23 степени, телото почнува да ги активира механизмите за ладење“, објаснува докторката.

Крвните садови се шират за да се ослободи топлината, а потењето дополнително го лади телото. Сето тоа служи за одржување на стабилна телесна температура.

Доколку овие механизми не функционираат правилно или целосно откажат, последиците можат да бидат сериозни – од срцеви и кардиоваскуларни заболувања, преку мозочен удар, па сè до откажување на повеќе органи.

„Кога телесната температура почнува да расте, сите процеси во организмот се забрзуваат, а при температура од 42 степени започнува процесот на умирање“, предупредува Трајдл-Хофман.

Горештините влијаат и врз белите дробови. Иако на молекуларно ниво сè уште не е целосно разјаснето што се случува, се смета дека вдишувањето многу топол воздух ги забрзува воспалителните процеси.

„Белите дробови полесно се воспалуваат и стануваат поподложни на инфекции“, додава докторката.

Што треба да правиме за време на горештините?

Според Трајдл-Хофман, луѓето почнуваат да размислуваат за последиците од високите температури дури кога тие веќе ќе настапат – кога железничките шини се искривуваат, асфалтот пука, а итните служби работат без престан.

Затоа, на своите пациенти им советува уште во јануари да почнат со подготовките за летните горештини. Тоа подразбира консултација со лекар за евентуално прилагодување на терапијата.

Бидејќи високите температури ги засилуваат воспалителните процеси, алергиите треба навремено да се лекуваат со специфична имунотерапија. И атопискиот дерматитис се влошува при високи температури, па потребно е болеста да биде под контрола пред почетокот на летото.

„Секоја хронична болест треба да биде стабилизирана пред да започнат горештините“, нагласува докторката.

Кога топлотниот бран веќе ќе започне, таа препорачува:

да се пие многу вода,

да се јаде лесна храна од растително потекло,

да се избегнуваат цигари и алкохол,

да се обезбеди доволно сон, за организмот барем делумно да се опорави од дневниот топлотен стрес.

Дали со текот на времето сите ќе се навикнеме?

Токму тука се крие еден од најголемите проблеми. Поради високите температури многу луѓе спијат лошо, па организмот побрзо влегува во состојба на т.н. декомпензација – момент кога повеќе не може да ги надомести нарушувањата и да го одржи нормалното функционирање.

Колку некој ќе може да ги поднесе последиците од горештините зависи од неговата индивидуална чувствителност. Трајдл-Хофман тоа го објаснува со примерот на буре – кај постарите лица, хронично болните и луѓето кои редовно земаат лекови, „бурето“ многу побрзо се полни за време на топлотен бран.

Младите, физички активни луѓе и оние што се навикнати на високи температури имаат поголема отпорност, но и таа има свои граници.

„Ваквиот експоненцијален пораст на бројот на екстремно топли денови и толку брзите климатски промени не се нешто на што ниту екосистемите ниту луѓето можат доволно брзо да се приспособат“, заклучува Клаудија Трајдл-Хофман.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни