Евакуацијата на македонските државјани од кризните подрачја на Блискиот Исток нема да се наплаќа, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски. Тој истакна дека во вакви ситуации институциите имаат обврска да помогнат и дека нема да се очекува надомест на трошоците од граѓаните.
„Одлучивме да не наплаќаме од граѓаните. На сите ни е многу лесно да критикуваме од дома, не дај Боже да бидеме во таква ситуација. Владата и министерството, во ситуација на криза, се тука да помогнат и нема да очекуваат да се надоместат трошоците“, рече Муцунски.
Министерот посочи дека имало и поединечни барања за специфичен начин на евакуација. „Едно лице побара да не биде евакуирано преку Египет. Има граѓани кои побараа помош, но тоа да биде од Израел. На едно лице му обезбедивме авионски билет, а за уште едно лице работиме на логистиката“, додаде тој.
Муцунски појасни дека при евакуацијата се применуваат приоритети. „Приоритет имаат мајки со деца, потоа туристи, а од некои земји беше побарано да се извлечат и странски државјани поради специфични околности. Во следните два лета повторно ќе има и странски државјани“, рече министерот.
