Владата работи на создавање услови за деблокирање на евроинтегративниот процес и продолжување на патот кон Европската Унија, при што членството останува стратешка цел на државата. Ова го порача премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на пратеничко прашање од Арбана Пашоли од Европскиот фронт за плановите за отворање на преговарачките поглавја.
Мицкоски нагласи дека во однос на европската перспектива на државата нема промена на стратешката определба. Тој посочи дека Владата води дијалог со Бугарија, а во процесот понуди директно да биде вклучена и опозицијата.
Премиерот ја повика опозицијата да предложи свои претставници кои би биле дел од тимот задолжен за разговорите со источниот сосед.
Осврнувајќи се на актуелната состојба во евроинтеграциите, Мицкоски оцени дека таа е резултат на политиките на претходната влада предводена од СДСМ и ДУИ.
Тој додаде дека актуелната Влада работи на промена на перцепцијата кај европските партнери, со цел да се создаде простор за деблокирање на процесот и придвижување на земјата кон следните фази од преговорите со Европската Унија.