Зголемувањето на случаите на семејно и врсничко насилство ја наметнува потребата од посилен институционален пристап и навремена превенција, порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на почетокот на проектот „Прекинување на циклусот на насилство – системска превенција на семејно и врсничко насилство преку образовниот систем“.
Настанот се одржа во Владата на Република Северна Македонија, а учествуваа и министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, како и претставници од стручната јавност и Комората на психолози.
Тошковски посочи дека анализите на Министерството за внатрешни работи покажуваат сериозен раст на случаите поврзани со семејното насилство, но и со врсничкото насилство.
„Во периодот од 1 јануари до 28 мај оваа година се регистрирани 768 кривични дела поврзани со семејно насилство, наспроти 460 во истиот период минатата година, што претставува зголемување од 67 проценти. Само во првите две недели од јуни регистрирани се уште 89 нови кривични дела од оваа област“, изјави Тошковски.
Министерот информираше дека МВР годинава поднело 601 кривична пријава за случаи на семејно насилство, а мерки на кривичен прогон биле преземени против 609 лица.
Во однос на врсничкото насилство, Тошковски наведе дека годинава се евидентирани 93 инциденти во 64 училишта, што претставува зголемување во споредба со претходниот период.
„Особено загрижува фактот што насилството врз деца е повеќе од двојно зголемено, а кривичното дело силување на дете под 15 години е регистрирано шест пати, наспроти еден случај во истиот период минатата година. Ова се податоци кои не смеат да останат без реакција“, нагласи министерот.
Според него, санкционирањето е неопходно, но долгорочното решение бара превенција, рано препознавање на ризиците и подобра координација меѓу институциите.
Тој ја потенцираше важноста од соработката меѓу полицијата, училиштата и центрите за социјална работа, со цел навремено откривање на децата кои се изложени на ризик и спречување на понатамошни последици.
Од МВР посочуваат дека ја поддржуваат изработката на унифициран протокол за постапување при сомнеж за насилство, како и континуираните обуки на полициските службеници за препознавање на знаците на семејно насилство, особено кога жртви се деца.
Проектот има цел да воспостави системски пристап за превенција на насилството и подобра заштита на децата и младите преку заедничко делување на надлежните институции.