Додека повеќето луѓе на 21 година допрва ја бараат својата животна насока, Даниел Џексон води дипломатски разговори, гради институции и се обидува да обезбеди меѓународно признание за државата на која е претседател.
Вердис е проект кој се обидува да се позиционира како нова европска микронација, на мала и спорна територија покрај Дунав, меѓу Хрватска и Србија. За едни претставува смела визија, за други политички експеримент, а за своите поддржувачи – обид за создавање ново општество засновано на неутралност, хуманитарна работа и меѓународна соработка.
Џексон вели дека целта на Вердис е да стане неутрална држава која во иднина би можела да биде место за дијалог и посредување меѓу различни страни, како и центар за хуманитарни организации.
„Има силен политички елемент во нашата идеја, но исто така има и желба за помош, соработка и мирно решавање на конфликти“, вели Џексон.
Територијата што ја избрал Вердис се наоѓа во близина на границата меѓу Хрватска и Србија, во подрачје каде двете држави имаат различни ставови околу граничната линија по течението на Дунав. Според Џексон, токму несогласувањата меѓу двете земји создале простор за иницијативата.
Тој објаснува дека Вердис е мала територија, нешто поголема од Ватикан, но дека е доволна за остварување на нивната визија.
„Свесни сме дека никогаш нема да бидеме целосно самодоволни. Со развојот на населението ќе ни биде потребна соработка со соседните држави“, вели тој.
Според Џексон, Вердис веќе има воспоставено дел од институциите кои ги имаат и традиционалните држави – министерства за надворешни и внатрешни работи, административни структури и систем за издавање документи.
Тој тврди дека граѓаните можат да аплицираат за државјанство преку различни програми, вклучително и инвестиции, учество во заедницата и електронско резидентство.
„За нас е важно да знаеме кои се луѓето што стануваат дел од заедницата и да бидеме сигурни дека имаат добра репутација и вистински идентитет“, вели претседателот на Вердис.
Финансирањето на проектот, според него, доаѓа од повеќе извори – програмата за електронско резидентство, инвестиции, донации и поддршка од заедницата. Џексон вели дека се користат регистрирани компании и професионални сметководствени услуги за обезбедување законско работење.
И покрај амбициите, Вердис сè уште нема официјално меѓународно признание. Џексон смета дека процесот би можел да се одвива постепено, преку воспоставување односи со помали држави и постепено градење дипломатски контакти.
„Никогаш не сме барале конфликт со Хрватска. Нашата цел е соработка и создавање односи кои би биле корисни за сите страни“, вели тој.
Вердис, според неговите зборови, се залага за целосна неутралност во меѓународните конфликти, вклучително и војната во Украина и другите светски кризи.
„Кога зборуваме во име на државата, нашата позиција е јасна – не заземаме страна. Нашата цел е да можеме да обезбедиме хуманитарна помош и дијалог“, посочува Џексон.
Интересно е што голем дел од луѓето во управувањето со Вердис се млади лица од генерацијата З. Според Џексон, тоа е пример дека во 21 век државите можат да се создаваат на нов начин, со помош на технологија, меѓународни заедници и нови идеи.
Името Вердис, како што објаснува, потекнува од латинскиот збор за зелена боја, бидејќи првично проектот бил поврзан со екологијата и заштитата на животната средина.
Неговата најголема желба е, како што вели, Вердис да добие слободен развој на својата територија и да воспостави официјални дипломатски односи со повеќе држави.
„Вердис веќе не е само идеја“, вели Џексон, кој и покрај младата возраст продолжува да ја гради визијата за својата мала држава во срцето на Европа.