Падобранци на армиите на НАТО денеска над Романија ја изведоа најголемата падобранска операција на северноатлантските сојузници од Втората светска војна.
Како што соопшти НАТО, оваа операција била дел од воената вежба „Брз одговор 2024“, која е дел од одбранбените маневри „Одлучен бранител 2024“, најголеми неколку децении во рамките на НАТО. Учествуваат 90 илјади војници од сите 32 земји на НАТО.
Во воздухопловната база во близина на Кампија Турки, Романија, германските воени падобранци од Дивизијата за брза реакција ги предводеа војниците од Франција, Романија, Шпанија и САД во операција со падобран од 1.200 до 1.500 војници.
Падобранците во зоните за слетување беа транспортирани со 14 транспортни авиони, што ја прави оваа операција една од најголемите и најкомплексните оваа година.
Вежбата „Брз одговор 2024“ во Романија трае до 24 мај.
Порталот Балканска безбедносна мрежа на 8 мај објави дека во вежбата биле вклучени 320 парчиња борбена опрема од седум земји на НАТО.
Сценариото на вежбата предвидува ослободување на окупираната територија со контранапад со слетување со падобран.
Вежбата се одвива од Балканот до Балтикот и е организирана од Командата на американската армија за Европа и Африка.
Главниот сегмент на вежбата во Романија е со боева муниција.
800 падобранци од САД, Шпанија, Унгарија и Италија се обучуваат во Шведска, што е првпат во таа скандинавска земја од нејзиниот влез во НАТО во март 2024 година.
