Македонија

На Деве Баир запленети 2.000 вијали медицински раствор, возач од Косово заработи кривична пријава

На Деве Баир запленети 2.000 вијали медицински раствор, возач од Косово заработи кривична пријава

Обид за нелегален транспорт на голема количина медицински препарати бил спречен на граничниот премин Деве Баир, каде мобилен тим на Царинската управа открил 2.000 вијали со медицинскиот раствор „Гадонанс“, внимателно сокриени во кабината на товарен камион.

Според информациите од Царинската управа, камионот го управувал косовски државјанин, вработен во транспортна компанија од Косово, кој превезувал алуминиумски профили на релација Турција – Косово. При редовната царинска контрола тој изјавил дека нема ништо за пријавување освен декларираната стока, но поради сомневање царинските службеници извршиле детална проверка на возилото.

При контролата биле пронајдени вкупно 2.000 вијали, спакувани во папки и кеси, без оригиналното пакување. Медицинските препарати биле сокриени на повеќе места во кабината – во горниот кревет, во фабричка преграда, над возачкото седиште и во личниот багаж сместен во долниот кревет.

Царинската управа ги запленила вијалите, а Одделението за истраги поднело кривична пријава против возачот поради сомнение за сторено кривично дело „криумчарење“.

Од институцијата појаснуваат дека медицинските препарати, меѓу кои и растворот „Гадонанс“ од 7,5 милилитри што се користи како контрастно средство при магнетна резонанца, можат да се увезуваат само со соодветни дозволи и под строго утврдени услови за транспорт и складирање.

Воедно, од Царинската управа наведуваат дека од почетокот на годинава спречиле 13 обиди за криумчарење, при што биле запленети вкупно 29.000 парчиња лекови и медицински препарати.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни