На Ива Михајлова, обвинета за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, ќе ѝ се суди во отсуство, бидејќи не е достапна на државните органи.
Ваквата одлука ја донел Основниот суд Кочани, по предлог на Основното јавно обвинителство Кочани.
„По предлог на Основното јавно обвинителство Кочани донесено е решение на И.М., обвинета за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, да ѝ се суди во отсуство, бидејќи таа не е достапна на државните органи“, се наведува во известувањето.
Следното судско рочиште е закажано за 9 ноември 2026 година, со почеток во 9 часот.
Михајлова е обвинета за сообраќајната несреќа што се случи на 7 октомври 2025 година на експресниот пат Штип – Кочани, кај Горни Подлог, во која едно лице го загуби животот, а повеќе лица беа повредени.
Таа неодамна замина во Бугарија, иако против неа беа определени мерки на претпазливост, меѓу кои одземање на македонскиот и бугарскиот пасош, забрана за напуштање на Кочани и обврска за редовно јавување кај службено лице.
Откако беше утврдено дека не е достапна на домашната адреса и не ги почитува определените мерки, Основниот суд Кочани на 13 октомври ѝ одреди 30-дневен притвор, кој ќе започне да се спроведува по нејзиното приведување.
По Михајлова е распишана и централна и меѓународна потерница.
Со најновото решение, судската постапка против неа ќе може да продолжи и без нејзино физичко присуство во судницата.