На Клиниката за онкологија повторно недостига лекот Золадекс, а дел од пациентите си заминале без да ја добијат терапијата. Директорот на Клиниката посочува дека дистрибутерот го испорачува лекот во мали количини и очекува тој да биде достапен од понеделник.
„Од понеделник овој лек би требало да го има на Клиниката за онкологија“, најавува директорот.
Недостигот се случува во период кога здравствените власти соопштуваат дека проблемите во онколошката грижа се разгледуваат на највисоко ниво. По состанокот во Владата, од Министерството за здравство порачаа дека онколошката грижа првпат е ставена на маса на такво ниво.
Средбата била одржана на иницијатива на „Хема-онко“, од каде што оценуваат дека биле утврдени клучните проблеми со кои се соочуваат пациентите, од поставувањето на дијагнозата до лекувањето. Очекуваат разговорите со надлежните да продолжат и да доведат до решенија.
Министерот за здравство, пак, оценува дека има подобрување во обезбедувањето терапија, но признава дека остануваат слабости во другите сегменти на онколошката грижа.
„Тоа е некогаш правење на штета на другите работи. На пример радиотерапијата“, вели министерот.
Според неговата оценка, застапеноста на радиотерапијата во земјава е околу трипати пониска од европскиот просек.
Отворено останува и прашањето за децентрализација на онколошката терапија. Иако ја најавуваат повеќе министри со години, сѐ уште нема точен датум за нејзино спроведување. Пациентите и натаму чекаат решение што ќе го намали притисокот врз Клиниката и ќе им овозможи полесен и редовен пристап до лекувањето.