На пазарот во БиХ доставени конзерви со грав во кои биле пронајдени остатоци од глушец

Конзерви грав од Италија се испорачани на пазарот во Босна и Херцеговина во кои се пронајдени остатоци од глушец, за што се информирани надлежните инспекции и побарани мерки, соопшти Агенцијата за безбедност на храна на Босна и Херцеговина.

Станува збор за кафеав стерилизиран грав чиј производител/извозник е „Фијама Везувијана“ од италијанскиот град Отавијано, а спорните лотови се L M261 и L F361 со сите рокови.

Се вчитува...

Овој производ не е во согласност со одредбите на Законот за храна.

Агенцијата добила информација за присуство на остатоци од глувци преку Системот за брзо предупредување за храна и добиточна храна.

„Сите расположливи информации за производот, согласно важечките прописи, се доставени на понатамошна обработка до надлежните инспекциски органи во Босна и Херцеговина, од кои е побарано да преземат мерки и повторно да ја известат Агенцијата за безбедност на храна“, се наведува во соопштението.

Агенцијата забележува дека ова известување се однесува исклучиво на производот со наведените податоци.