Балкан

На протестот во Загреб се приклучи и пејачката Северина: „Поминав низ многу тежок период кога ми го зедоа детето преку корупција“

На протестот во Загреб се приклучи и пејачката Северина: „Поминав низ многу тежок период кога ми го зедоа детето преку корупција“

Илјадници граѓани денеска излегоа на улиците во Загреб, барајќи од институциите итно да го решат случајот со опасниот отпад депониран во областа Госпиќ. На протестот под мотото „Прошетка за Лика, прошетка за Хрватска“ се приклучи и хрватската пејачка Северина Вучковиќ.

Протестот беше организиран со барања отпадот целосно да биде отстранет од загадените локации, да се утврди одговорноста на лицата кои го депонирале и да се определат конкретни рокови за санација на теренот.

Организаторите предупредуваат дека проблемот претставува сериозна закана за здравјето на населението и животната средина во Лика, поради што бараат институциите да преземат конкретни и итни мерки.

Северина, која претходно ги повика граѓаните да учествуваат на протестот, во изјавата за медиумите зборуваше за своите искуства со неправдата и корупцијата.

„Јас сум тука, како сите овие луѓе, и затоа што сум државјанка на Република Хрватска. Затоа што поминав низ многу тежок период кога ми го зедоа детето преку корупција. И еден дел од мене умре“, изјави таа, пренесува „Вечерњи лист“.

Пејачката рече дека токму тоа искуство кај неа создало дополнителна сила да се спротивставува на неправдата и да реагира кога смета дека институциите не ја исполнуваат својата обврска.

„Тој дел се претворил во некаков мал вампир кој решил да им ја пие крвта сè додека не прифатат дека мора да бидат одговорни за ова општество“, порача Северина.

Осврнувајќи се на случајот со отпадот во Лика, таа особено ја истакна грижата за децата и последиците што ваквите случаи можат да ги имаат врз најмладите.

„Вчера моето дете, денес децата на Лика, Госпиќ. Тие имаат полни усти со деца“, рече таа, критикувајќи го односот на институциите и политичарите кон прашањата поврзани со заштитата на децата.

Северина го критикуваше и системот за социјална заштита, нагласувајќи дека лицата кои носат одлуки за децата мора да бидат одговорни пред граѓаните и институциите, а не да се поставуваат над системот.

Таа упати порака и до опозицијата, од која побара конкретни законски иницијативи, наместо само учество на граѓански протести.

„Наместо да шетаат околу овие граѓански протести, тие веќе требаше да предложат закон со кој би се спречил влез на ниту еден килограм, а камоли грам, отпад во Хрватска“, порача пејачката.

Протестот во Загреб заврши со јасно барање за институционална одговорност, отстранување на опасниот отпад и преземање мерки со кои во иднина би се спречило повторување на вакви случаи.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни