Македонија

Над 1.200 поплаки од студенти за шест месеци: најмногу реакции за превоз, домови и оброци

Над 1.200 поплаки од студенти за шест месеци: најмногу реакции за превоз, домови и оброци

Во изминатите шест месеци преку платформата „Дигитален студентски глас“ пристигнале над 1.200 поплаки од студенти, а најчесто се однесувале на условите во студентските домови, јавниот превоз, стипендиите и субвенционираниот студентски оброк.

Дел од студентите пријавиле дека во студентскиот дом „Стив Наумов“ плаќаат двојна партиципација, а притоа, како што наведуваат, не добиваат доволно храна, а поради факултетските обврски дел од студентите не стигнуваат навреме ни на ручек.

„Во новите соби се случува да протекува парното, да протекуваат стари цевки. Ние пријавивме до директорот, веднаш реагираа. Домот се отвори, парното доцнеше. Значи студентите пријавуваат дека немаат парно, тоа е тоа генерално сега засега што се случува. Условите се добри таму, но сепак храната не треба да е нешто за кое што треба да се зборува, треба да е веќе исполнето“, вели еден од студентите.

Покрај ова, имало пријави и од други студентски домови за недостиг од топла вода, струја и греење.

Значителен дел од поплаките се однесувале и на јавниот превоз. Студентите, како што се наведува, се жалеле на недостиг од автобуси за приградски превоз, на растот на цените на билетите, но и на нееднаков третман во однос на бесплатниот превоз.

Бесплатниот јавен превоз е регулиран со одлука на Владата, поради што студентите од други универзитетски градови се чувствуваат дискриминирано затоа што, за разлика од Скопје, таму нема бесплатен јавен превоз. Дополнително, како проблем е посочено и тоа што во Скопје бесплатниот јавен превоз важи само за студентите на државните универзитети, но не и за студентите на приватните универзитети.

Токму ова било еден од најчесто пријавуваните предизвици од студентите на приватните универзитети во изминатите шест месеци.

Меѓу пријавите имало и поплаки дека доцни исплатата на стипендиите, како и дека износот за субвенциониран студентски оброк не е доволен.

Ноќно студио

Најнова епизода

Избори Србија 2026 - отворено студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни