4NEWS.mk

Партиски судир по изборите во Србија: СДСМ обвинува за спреги со Вучиќ, ВМРО-ДПМНЕ ги отфрла тврдењата

Партиски судир по изборите во Србија: СДСМ обвинува за спреги со Вучиќ, ВМРО-ДПМНЕ ги отфрла тврдењата

Изборниот резултат во Србија предизвика остри политички реакции во Македонија, откако лидерот на СДСМ, Венко Филипче, упати обвинувања дека македонската власт е поврзана со структурите на Српската напредна странка, а од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека станува збор за, како што велат, „иста лага повторена илјада пати“.

Филипче, честитајќи ја победата на српските граѓани за изборниот резултат, обвини дека власта во Македонија е поврзана со структурите на СНС во Србија преку, како што рече, „коруптивни шеми во енергетиката и шверц на дрога“, а тврдеше и дека српскиот претседател Александар Вучиќ му давал насоки на премиерот Христијан Мицкоски.

Лидерот на СДСМ изјави и дека структурите поврзани со Вучиќ и Виктор Орбан, заедно со ВМРО-ДПМНЕ, со години ја држеле Македонија „во медиумски мрак“.

„Некој ќе коментира зашто славиме и дали славиме туѓи избори. Не, туку го славиме доаѓањето на демократскиот бран тука во регионот, затоа што тие бизнис, политички и медиумски спреги на Александар Вучиќ и до пред некое време на Виктор Орбан се спрегите коишто го хранат, го хранеа режимот наш тука на Христијан Мицкоски. Не држат во заробена држава, медиумски мрак и силен коруптивен режим“, рече Филипче, според прилогот.

Од ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлија овие наводи и возвратија со обвинувања кон Филипче. „Ако Филипче мисли дека една иста лага повторена илјада пати ќе стане вистина, тоа не може да биде така“, реагираа од владејачката партија.

Во реакцијата, ВМРО-ДПМНЕ наведе дека „врските на Филипче и Вучиќ не може да се избришат ни со илјада пресконференции против Вучиќ“, по што изнесе дополнителни политички обвинувања на негова адреса, вклучително и тврдења за негови наводни блиски релации со српскиот претседател и за кадровски решенија од времето на претходната власт.

Партијата упати и политичка порака до лидерот на СДСМ, наведувајќи дека, доколку сака да опстане во политиката до избори, „треба да си го гледа сопствениот двор, а не да мисли дека со лаги може да ја изврти реалноста“.

Ноќно студио

Најнова епизода

Избори Србија 2026 - отворено студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни