Четврт милион евра потроши Град Скопје само за украсување на градот за новогодишните празници. Договорот склучен меѓу Градот и компанијата „Линк Медиа Плус“, покажува дека вкупната вредноста за украсување е 260 илјади евра. Со овие пари, Град Скопје нема да ги купи декоративните светилки и елките, туку ќе ги земе под наем за еден месец. Минатата година, за украсувањето беа потрошени 50 илјади евра помалку. Оваа година во новогодишниот декор се вклучени и два булевари. Дел од договорот се и огнометите кои ќе се палат на новогодишната ноќ, вели портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиу.
„Знаете каква е тендерската постапка, ние ја започнуваме, па потоа се пријавуваат фирми кои даваат понуди. За жал, цената не ја утврдуваме ние како Град Скопје, од нас зависи само дали ќе го украсуваме или не градот. Скопје треба да наликува на град, ако сака себеси да се нарекува метропола, треба да биде украсен. Суми за оваа намена се предвидуваат секоја година и реално планирани се уште од поодамна“, вели Ваљон Салиу – портпарол на град Скопје.
Во јавната набавка се вели дека критериумот за избор е која компанија ќе даде најниска понуда. На страницата за јавни набавки, се гледа дека сумата на највисоката и најниската понуда, без ДДВ, е иста. Портпаролот Салиу, ни рече дека нема никаква друга понуда освен онаа на компанијата
„Линк Медиа Плус“. Сепак граѓаните со став дека 260 илјади евра се премногу пари за „изнајмено украсување“.
Според договорот, предвидено е да биде декориран центарот на Скопје со елки од 20 метри, 20 улици, булевари и други јавни објекти. Инаку, огнометот кој ќе се пали на новогодишната ноќ е предвидено да трае 6 минути.
РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ
