Фондот за здравствено осигурување во изминатите четири месеци исплатил над 2,35 милијарди денари за надоместоци за боледувања и породилни отсуства, а октомври е месецот со највисока исплата за породилни надоместоци во овој период.
Само во октомври 2026 година, Фондот исплатил вкупно 621.383.663 денари за надоместоци на плата поради привремена спреченост за работа и породилно отсуство.
Од вкупната сума, 467.074.428 денари биле наменети за породилни надоместоци, додека 154.309.235 денари биле исплатени за боледувања.
Според податоците на Фондот, октомвриската исплата за породилни надоместоци е највисока во периодот од јули до октомври 2026 година, а бележи раст од над 25 проценти во споредба со септември.
На четиримесечно ниво, вкупните исплати за боледувања и породилни отсуства надминуваат 2,35 милијарди денари. Од нив, повеќе од 1,66 милијарди денари се исплатени за породилни надоместоци.
Од Фондот посочуваат дека овие средства претставуваат исполнување на законските права на осигурениците и дека приоритет останува редовната и навремена исплата на надоместоците.
„Зад секој исплатен надоместок стои конкретно право, а зад секое право – човек, родител или семејство за кое финансиската предвидливост има особено значење“, наведуваат од Фондот.
Оттаму додаваат дека и во наредниот период ќе продолжат со подобрување на организацијата и ефикасноста во обработката на барањата, со цел да се одржи стабилна динамика на исплатите.