Над 237 милиони денари исплатени за земјоделците

Нов финансиски бран поддршка пристигна на сметките на македонските земјоделци. Во текот на денот се реализирани исплати во вкупен износ од над 237 милиони денари, информираа од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Средствата се распределени по неколку мерки. Од Интервентниот фонд, преку мерката 1.2 „Произведено вино“, исплатени се 59.942.278 денари за 39 корисници. За мерката 213 „Плата за овчари“ се издвоени 34.089.868 денари за 43 корисници, додека преку мерката 112 „Млади земјоделци“ 48 лица добиле вкупно 17.815.422 денари.

Дополнително, преку мерката 121.7 „Комбајни за ориз“ исплатени се 28.779.597 денари на 48 корисници.

Од Министерството соопштуваат дека во рамки на Програмата за рурален развој се исплатени и 96.661.300 денари за 34 корисници. Овие средства се наменети за набавка на добиток, плати за задруги, поддршка за каматни стапки и техничка помош.

Од ресорното министерство порачуваат дека поддршката за земјоделците продолжува и во наредниот период.