Македонија

Над 300 илјади боледувања во 2025 година: Министерството најавува промени во системот

Над 300 илјади боледувања во 2025 година: Министерството најавува промени во системот

Системот за управување со боледувањата во Македонија ќе се анализира и унапредува, откако новите податоци покажаа значително зголемување на бројот на отворени боледувања во изминатите години. Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, со поддршка од Светската здравствена организација, денеска одржаа работилница посветена на подобрување на процесите и намалување на можностите за злоупотреби.

На средбата беа презентирани податоци за состојбата со боледувањата во земјава, предизвиците со кои се соочува системот, како и европски искуства и практики за поефикасно управување.

Министерот за здравство Сашо Клековски посочи дека целта е да се воспостави баланс меѓу олеснување на пристапот за граѓаните кои реално имаат потреба од боледување и зајакнување на контролите таму каде што постои ризик од злоупотреби.

– Потребно е да се намали административниот товар, но истовремено да се засилат контролите на местата каде има ризик. Треба да се најде оптимален баланс меѓу полесен пристап и поголема одговорност во системот – изјави Клековски.

Тој информираше дека според интегрираните податоци од системот „Мој термин“, во 2025 година биле регистрирани повеќе од 300.000 боледувања до 30 дена, што претставува зголемување од 33 отсто во споредба со 2021 година.

Иако бројот на корисници на боледување не бележи значителен раст, министерот посочи дека е зголемен просечниот број боледувања по осигуреник.

– Имаме 33 проценти зголемување на боледувањата, додека бројот на корисници е зголемен за околу шест проценти. Тоа значи дека просечниот број боледувања по осигуреник е зголемен од 1,8 на 2,3 отсто – рече Клековски.

Тој додаде дека правилата за користење боледување не се ревидирани од 2012 година и дека е потребен поширок пристап во кој ќе бидат вклучени сите институции и засегнати страни.

На работилницата учествуваа претставници на лекарски здруженија, експерти од Словенија, претставници на синдикати, работодавачи, стопански комори, Државниот инспекторат за труд, институции од областа на социјалната политика, дигиталната трансформација и здруженија на пациенти.

Во следниот период ќе се разгледуваат можни решенија и модели за подобрување на системот, со цел тој да биде поефикасен, потранспарентен и подобро насочен кон потребите на граѓаните.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни