Ивана Петковска од Коалицијата за правично судење, гостувајќи во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, предупреди на сериозни проблеми во функционирањето на судскиот систем.
Според податоците од мониторингот на Коалицијата, граѓанските постапки се одолговлекуваат, а рочиштата по одредени предмети се закажуваат само два до трипати годишно. Особено голем број предмети, како што посочи Петковска, има кај работните спорови.
Таа вели дека последиците на крајот ги чувствуваат граѓаните, бидејќи не добиваат навремена судска заштита и се доведува во прашање нивното право на судење во разумен рок.
Петковска посочи и на пад на процентот на признанија на вина во кривичните постапки. Додека во 2024 година признание на вина имало во 34 отсто од случаите, во 2025 година процентот бил намален за околу 10 процентни поени.
Особено загрижувачки, според неа, е порастот на бројот на пресуди кои не се јавно објавени. Ако во 2024 година околу 40 отсто од пресудите не биле јавно објавени, во 2025 година тој процент достигнал 66 отсто.
Како причини за ваквата состојба Петковска ги посочи недостигот на кадар, големиот број предмети и недоволниот број судии. Дополнително, според неа, има недостиг и од судии поротници и стручни соработници, додека ниските плати влијаат и врз интересот на младите правници да се вклучат во судството и јавното обвинителство.
„Нема мотивација“ кај младите правници, оцени Петковска, додавајќи дека ваквата состојба дополнително влијае врз функционирањето на целиот правосуден систем.