Ивана Петковска од Коалицијата „Сите за правично судење“, гостувајќи во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, се осврна на одлуките на Врховниот суд, можноста за застарување на дел од кривичните дела, политичкиот притисок врз судството и финансирањето на судската власт.
Петковска посочи дека немаат статистички податоци за тоа колку предмети досега биле укинати од Врховниот суд и вратени на повторно одлучување, но дека таква можност е предвидена со закон.
Според неа, кога Врховниот суд ќе укине пресуда и предметот ќе биде вратен во Основниот кривичен суд, постапката може да започне одново.
„Тоа значи дека постапката ќе започне одново“, посочи Петковска, осврнувајќи се на конкретен предмет во кој, според неа, дел од обвинението за кривичното дело од член 353 веќе е застарен.
Таа оцени дека враќањето на предметот на повторно одлучување може да отвори простор за дополнително застарување на дел од обвинението, додека за кривичното дело бесправно градење сè уште има време за постапување.
Петковска се осврна и на образложението на Врховниот суд, според кое во постапката не било утврдено дали станува збор за монтажни објекти или за објекти со цврста градба.
„Немаме доверба во институциите“
Во однос на динамиката на постапувањето на институциите, особено по одлуката на Врховниот суд, Петковска вели дека постои сомнеж кај јавноста поради ниската доверба во институциите.
„Се сомневаме во динамиката, буквално бидејќи немаме доверба во институциите“, рече таа, додавајќи дека поради тоа секогаш се бара позадината на одредени институционални одлуки и постапки.
Сепак, таа нагласи дека кривичната пријава не значи автоматски и започнување кривична постапка, бидејќи за тоа понатаму одлучува обвинителството.
Критики кон судството, но без политички притисок
Петковска коментираше и изјави од извршната власт по одлуките на судовите, посочувајќи дека сè почесто се слушаат изјави кои, според неа, можат да се сфатат како притисок врз судската власт.
Таа оцени дека критиката кон судството е легитимна кога одредена институција не работи соодветно, но оти таа треба да биде конструктивна и без напади и влијание врз судиите.
„Сите треба да упатуваме критики доколку одредена власт не работи соодветно. Меѓутоа, таа критика треба да биде конструктивна, без напади и да се остави простор за професионално работење“, посочи Петковска.
Според неа, проблем е и перцепцијата дека судската власт не се доживува себеси како еднаква со останатите две власти.
Недоволно финансирање на судството
Како еден од клучните проблеми таа го посочи и финансирањето на судството. Петковска нагласи дека обезбедувањето соодветен буџет за судската власт не треба да зависи од политичката волја на Владата или на Министерството за финансии.
Таа се повика и на забелешките на Венецијанската комисија и на извештаите на Европската комисија, во кои, како што наведе, редовно се посочува проблемот со недоволното финансирање на судството.
„Буџетот на судството мораме да разбереме дека како држава не е волја на премиерот, на Министерството за финансии и на Собранието. Тоа е законска категорија“, истакна Петковска.
Според неа, последиците од слабостите во судскиот систем на крајот најмногу ги чувствуваат граѓаните, бидејќи тие се оние кои треба да добијат ефикасна и навремена правда.
Што треба да се промени во следните години?
Говорејќи за тоа кои би биле мерливите резултати на реформите во судството во следните три до пет години, Петковска оцени дека потребни се сериозни промени.
Како една од првите мерки таа го посочи изборот и унапредувањето на судии и јавни обвинители без политички притисоци и влијанија.
„Треба да имаме мерит-систем, судии и обвинители професионалци кои ќе си ја работат својата работа како што треба, во делот на професионалноста, интегритетот и слично“, рече Петковска.
Како дополнителни предуслови за подобрување на состојбите таа ги посочи соодветното финансирање на судството и обвинителството, како и создавањето услови судиите и обвинителите професионално и независно да ги извршуваат своите функции.