Податоците од годишните даночни биланси за 2025 година покажуваат раст на даночната основа и на приходите од данокот на добивка, што според Управата за јавни приходи е резултат на подобрите финансиски резултати на компаниите и намаленото користење на даночни олеснувања.
По истекот на рокот за поднесување на даночните пријави во март, УЈП обработила вкупно 25.506 обрасци за оданочување на добивка и 50.465 обрасци за оданочување на вкупен приход. Во споредба со претходната година, евидентиран е раст на бројот на даночни обврзници.
Од Управата посочуваат дека најголемиот дел од обврзниците се микро и мали компании кои користат поедноставен даночен режим. По исклучување на фирмите што имаат право на даночни ослободувања, даночната основа и пресметаниот данок кај компаниите кои плаќаат данок на добивка се зголемени за 14 проценти во однос на 2024 година.
По пресметките и порамнувањето со веќе платените аконтации, за доплата остануваат околу 5,8 милијарди денари. Истовремено, за поврат се евидентирани 323 милиони денари, додека повеќе од 4,5 милијарди денари претплатен данок ќе бидат искористени за покривање на идните обврски во текот на 2026 година.
Според УЈП, нето-даночниот ефект кај данокот на добивка е зголемен за 33 проценти во споредба со претходната година. Како главни причини се наведуваат растот на добивките кај компаниите и намалениот обем на користени даночни поволности.
Во сегментот на оданочување на вкупниот приход, компаниите со годишен приход до три милиони денари и понатаму остануваат ослободени од плаќање данок, додека за фирмите со приход меѓу три и шест милиони денари се применува даночна стапка од еден процент.
Од вкупно 50.465 поднесени обрасци за овој вид оданочување, данок пресметале 3.883 компании, што претставува зголемување од 8,6 проценти во однос на претходната година. Сепак, нето-даночниот ефект изнесува 45,3 милиони денари и е понизок во споредба со ланските 53,5 милиони денари.
Раст е забележан и кај трговците поединци, земјоделците, занаетчиите и лицата што вршат слободни професии. Кај нив даночната основа и пресметаниот данок се зголемени за два до три проценти. По порамнувањето со веќе платениот данок, за доплата остануваат 147,7 милиони денари.
Во извештајот на УЈП се наведува и дека 247 здруженија и фондации поднеле даночен биланс за 2025 година и пресметале данок од 1 процент на приходите од стопанска дејност. Иако бројот на организации е значително помал од претходната година, вкупно пресметаниот данок достигнал 21,7 милиони денари, што е повеќе во споредба со 2024 година.