Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) објави фрапантни податоци за безбедноста на храната во земјава во текот на изминатата година. Инспекторите уништиле стотици тони расипана или небезбедна храна и изрекле високи парични казни за несовесните оператори.
Вкупно, во текот на годината биле спроведени над 125.000 инспекциски контроли кои го опфатиле целиот синџир – од производство и увоз, па сè до дистрибуција и угостителски објекти.
Што јадеме? – Уништени 355 тони храна од домашниот промет
Најзагрижувачките податоци доаѓаат од внатрешниот промет (маркети, ресторани, магацини).
- Уништена количина: Одземени и уништени се 355.377 килограми небезбедна храна.
- Вид на храна: Најчесто се работи за месо и преработки, млеко и млечни производи, јајца, риба, но и кондиторски производи и пијалаци.
Казни и кривични пријави
За утврдените неправилности во внатрешниот промет, инспекторите не штеделе на санкции:
- Изречени се 1.073 прекршочни платни налози.
- Вкупната вредност на казните изнесува 618.010 евра.
- Поднесени се и 8 кривични пријави, кои се однесуваат на здравствената заштита и благосостојбата на животните.
Рампа за увозните пратки
АХВ извршила и строга контрола на границите, со вкупно 78.016 контроли на увозни и транзитни пратки.
Било спречено да влезат во земјава:
- Храна од неживотинско потекло: Уништени се 8 пратки (речиси 70 тони), а една е вратена назад.
- Храна од животинско потекло: Уништени се 3 пратки (над 22 тони), а дури 16 пратки биле вратени кај извозникот поради небезбедност.
Фокус на ризичните објекти
Од Агенцијата појаснуваат дека фреквенцијата на контролите не е случајна, туку се базира на проценка на ризик – оние оператори што се оценети како високоризични, биле предмет на почести проверки. Главен акцент е ставен на хигиената, НАССР системите и правилното означување на производите.
