Цената на нафтата „Брент“ денеска се движи околу 105 долари за барел, фјучерсите на гасот на европската берза ТТФ се продаваат за повеќе од 75 евра за мегават-час, додека европските берзански индекси главно се во пораст.
Фјучерсите на северноморската нафта „Брент“ за испорака во ноември паднаа за 1,53 отсто, на 104,97 долари за барел, додека цената на американската нафта ВТИ за ноември е намалена за 2,21 отсто, на 92,52 долари, пренесе Си-Ен-Би-Си.
Цените паднаа по извештаите дека американски и ирански преговарачи во Њујорк разговараат за договор со кој постепено би можел да биде ставен крај на конфликтот на Блискиот Исток.
„Ројтерс“ претходно објави, повикувајќи се на висок ирански претставник, дека најреалниот пат до договор би бил Иран да овозможи пловидба низ Ормускиот Проток во замена за прекин на американската поморска блокада.
Сличен пристап бил договорен во Меморандумот за разбирање што САД и Иран го потпишале на 17 јуни, но договорот набрзо пропаднал, по што борбите биле обновени.
Не е јасно што се променило во однос на претходните преговори, ниту дали новите разговори би можеле да доведат до траен договор.
Европските фјучерси на гасот за октомври денеска при отворањето на амстердамската берза ТТФ се продаваа по цена од 75,3 евра за мегават-час.
Германскиот берзански индекс ДАКС, според податоците во 9:30 часот, порасна за 0,58 отсто, францускиот КАК 40 за 0,24 отсто, британскиот ФТСЕ 100 за 0,47 отсто, додека московскиот ИМОЕКС е во пад од 0,84 отсто.
Вредноста на еврото во однос на доларот на девизниот пазар Форекс денеска изнесува 1,13825 долари.
Цената на златото порасна на 4.275,23 долари за тројска унца, додека цената на пченицата падна на 6,9252 долари за бушел (еден бушел изнесува 27,216 килограми).
Американскиот берзански индекс Дау Џонс на затворањето на берзите во четвртокот падна за 0,31 отсто, на 51.349,98 поени. Си-Ен-Пи 500 падна за 0,02 отсто, на 7.704,13 поени, додека Насдак забележа минимален раст од 0,01 отсто, на 29.939,37 поени.