Во сила е примирје меѓу Израел и палестинските борци на Исламскиот џихад.
Се надеваме дека тоа ќе стави крај на тридневното насилство меѓу двете страни во кое загинаа најмалку 43 лица. Најмалку 15 деца и двајцата лидери на џихадистите се меѓу жртвите на израелската операција.
Прекинот на огнот беше постигнат со посредство на Египет. Неколку минути пред да започне, беше објавено дека Израел ги нападнал позициите на Исламскиот џихад во Газа, но информацијата подоцна беше демантирана. Израелската страна прецизираше дека нападнала позиции на палестински борци непосредно пред почетокот на примирјето.
Исламскиот џихад, од своја страна, рече дека „ќе ги прекине непријателствата“, но предупреди дека го задржува „правото да одговори на секоја следна агресија“. Неколку минути потоа беа истрелани ракети и од Газа во правец на Израел, но генерално беше запазен режим на молк, посочува Би-би-си.