Христијан Мицкоски изјави дека телефонски ја честитал изборната победа во Србија и изрази очекување за продолжување на добрососедските односи и унапредување на економската соработка меѓу двете земји.
Тој посочи дека веќе разговарал со носителот на победничката листа и дека честитката била упатена меѓу првите.
„Како добри соседи, се разбира, меѓу првите ја истакнавме честитката“, рече Мицкоски.
Тој очекува двете земји да продолжат да работат на зајакнување на своите економии.
„Очекувам како добри соседи да работиме на зголемување на нашата економија и во едната и во другата земја“, порача Мицкоски.
Христијан Мицкоски обвини опозициска партија дека води кампања со лични напади, навреди и лаги против него. Тој порача дека нема да возврати со ист речник и дека приоритет останува реализацијата на проекти.
„Јас сум навикнат на навредите, на конструкциите и на лагите коишто ги слушам за мене, а коишто доаѓаат од партиската говорница на таа опозициска партија. Тие би сакале јас да се спуштам на тоа ниво и на ист начин да им одговорам со истиот речник. Се разбира дека тоа нема да се случи“, изјави Мицкоски.
Тој им се извини на граѓаните бидејќи, според неговите зборови, и во следниот период ќе бидат сведоци на кампања исполнета со лични напади и навреди.
„Нашата цел и приоритет се проекти како овој. И во таа насока ќе продолжиме да делуваме“, порача Мицкоски.