Свет

Најмалку две деца загинаа, осум се повредени, во експлозија во Авганистан

Најмалку две деца загинаа при експлозија во јужниот дел на Авганистан, соопшти денеска локално официјално лице.

Други осум деца се повредени при експлозијата во провинцијата Забул, изјави за ДПА шефот на одделот за информации и култура во областа, Шарафат Вајар.

Се чини дека децата си играле со неексплодирана минофрлачка граната кога се случила трагедијата, според објаснување на очевидец во видео споделено од талибански функционер.

Доктор во регионалната болница изјави дека две деца се во критична состојба, а други две починале пред да бидат донесени во здравствената установа. Уште шест деца се лекуваат во болницата.

Неексплодирани убојни средства оставени од децениската војна често земаат жртви меѓу децата во Авганистан.

Во средата, Обединетите Нации (ОН) информираа за евидентирани 2.106 цивилни жртви во земјата опустошена од војна, во изминатите 10 месеци. Една од главните причини биле неексплодирани убојни средства.

Податоците на Обединетите Нации покажуваат дека најмалку 118.443 луѓе се убиени како резултат на вооружени конфликти во земјата од декември 2008 година, кога ОН почна официјално да ги регистрира цивилните жртви.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни