Свет

Најмалку две лица загинаа во пожар во Чиле

Најмалку две лица загинаа во пожар во Чиле

Најмалку две лица загинаа, а 400 домови се оштетени или уништени во пожар во чилеанскиот град Виња дел Мар, во кој властите прогласија вонредна состојба, пренесе АФП.

„Околу 200 домови горат“, изјави првично шефот на градската пожарна Патрисио Брито, пред да објави дека бројот на погодените домови достигнал 400 и дека две лица загинале во пожарот.

„Претседателот на Републиката (Габриел Бориќ) прогласи вонредна состојба“ во регионот Валпараисо, каде се наоѓа Виња дел Мар, изјави заменик-министерот за внатрешни работи Мануел Монсалве.

Националната служба за итни случаи прогласи црвен код за Виња дел Мар, крајбрежен град на 120 километри северно од чилеанската престолнина Сантијаго и нареди да се евакуираат неколку населби.

Борбата со пожарот ја отежнува силниот ветер кој достигнува брзина од 40 до 50 км/ч. Властите велат дека пожарникарите и шумските власти допрва треба да го стават пожарот под контрола. За гаснење на пожарот се мобилизирани 400 пожарникари и 150 шумски работници, како и неколку екипи од регионот на Сантијаго.

Пожарот зафатил површина од над 110 хектари, информираат од невладината организација „Национална шумарска корпорација“, чија дејност е поврзана со заштита на чилеанските шуми.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни