Свет

Најстарата личност во светот го слави 117-тиот роденден

Најстарата личност во светот го слави 117-тиот роденден

Етел Катерхам, најстарата личност во светот, денес го слави својот 117-ти роденден. Роденденот ќе го одбележи со пријателите и семејството во домот за стари лица „Hallmark Lakeview“ во Сари, а зад неа е година исполнета со нови искуства, пишува „Скај њуз“.

Како најважен настан во изминатата година го издвојува средбата со британскиот крал Чарлс, кој ја посетил Катерхам во септември минатата година, кратко откако наполнила 116 години. Таа раскажала дека особено ја памети средбата бидејќи кралот ја фатил за рака.

„Се радувам на она што ќе го донесе следната година“, изјавила Катерхам.

Титулата најстара жива личност во светот ја добила во мај 2025 година, по смртта на 116-годишна бразилска калуѓерка.

Катерхам му раскажала на кралот дека го следела неговото прогласување за принц од Велс во 1969 година, кога тој имал 21 година.

„Сите девојки беа заљубени во вас и сакаа да се омажат за вас“, му рекла таа.

Чарлс е шестиот британски монарх откако Катерхам е родена во Хемпшир на 21 август 1909 година, четири години пред почетокот на Првата светска војна.

Живеела во Индија, Гибралтар и Хонгконг

Катерхам е последната жива поданичка на кралот Едвард VII, кој починал во мај 1910 година. По него на британскиот престол се смениле Џорџ V, Едвард VIII, Џорџ VI, Елизабета II, а денес владее Чарлс III.

Таа била второто најмладо од вкупно осум деца.

Својот сопруг Норман, поранешен потполковник во британската армија, го запознала на вечера во 1931 година. Тој починал во 1976 година.

Двајцата живееле во Солсбери, пред Норман да биде распореден на Гибралтар и во Хонгконг. Додека живеела во Хонгконг, Катерхам отворила градинка и одгледала две ќерки, кои и двете починале пред неа.

Во младоста живеела и во Индија, каде што од својата 18-та до 21-та година работела како дадилка во семејството на еден воен офицер.

На Катерхам ѝ недостигаат уште пет години за да го достигне рекордот за најдолговечна личност во историјата. Рекордот го држи Французинката Жана Калман, која живеела 122 години и починала во 1997 година.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни