Студено утро со температури под нулата во дел од повисоките места, значителни врнежи во западните делови и над еден метар снег на планините – ваква е утринската временска слика низ земјава.
Најниска минимална температура од -3 степени е измерена на Попова Шапка. Нула степени се регистрирани во Берово, Маврови Анови, Лазарополе и Крушево. Два степени се измерени во Скопје-Петровец, Крива Паланка, Демир Капија и Велес, додека 3 степени се забележани во Охрид, Штип, Тетово, Прилеп, Куманово, Кавадарци, Битола и Претор. Во Скопје-Зајчев Рид, Струмица и Виница минималната температура изнесувала 4 степени, а најтопло утринава било во Гевгелија со 6 степени.
Во изминатите 24 часа најмногу дожд, 23 литри на метар квадратен, наврнал во Пожаране, 22 литри во Маврови Анови, 14 во Тетово и 12 во Охрид. Осум литри се измерени на Попова Шапка, шест во Претор и Лазарополе, пет во Крушево, четири во Гевгелија, а помали количини во Берово, Битола, Скопје-Зајчев Рид, Прилеп, Струмица и Тополчани.
На планините има значителна снежна покривка. На Попова Шапка измерени се 104 сантиметри снег, во Маврови Анови 6 сантиметри, во Лазарополе 5, а во Крушево 1 сантиметар.
Времето денеска ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Врнежите на места ќе бидат пообилни и може да достигнат околу 20 литри на метар квадратен. Во источните делови ќе има услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер, претпладне од јужен, а кон крајот на денот од северен правец. Максималната температура ќе се движи меѓу 6 и 13 степени.
Во Скопје се очекува облачно време со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од југоисточен правец, а попладне од северен. Дневната температура во главниот град ќе достигне до 8 степени.
