Најстудено утрово во Берово

Минималните утрински температури низ Македонија денеска се движат од 0 до 8 степени Целзиусови. Најстудено било во Берово со 0 степени, додека 3 степени се измерени во Маврови Анови и Лазарополе. Со 4 степени се Скопје-Петровец, Крива Паланка, Битола, Демир Капија и Струмица.

Во Тетово, Велес, Штип и на Попова Шапка утринската температура изнесувала 5 степени, додека 6 степени се измерени во Охрид, Претор, Прилеп, Куманово и Гевгелија. Во Скопје-Зајчев Рид и Кавадарци се регистрирани 7 степени, а најтопло утрово било во Виница и Крушево со 8 степени.

Времето во текот на денот ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во источните делови повремено и засилен ветер од северен правец.

Максималната дневна температура ќе се движи во интервал од 21 до 28 степени.

Во Скопје се очекува сончево и топло време, со слаб до умерен ветер од северен правец. Дневната температура ќе достигне до 27 степени.