Наместо за дочек на Нова година, Нови Пазар ги даде парите за децата без родителска грижа

Градот Нови Пазар годинава наместо за новогодишен концерт и огномет од буџетот ќе издвои средства за децата без родителска грижа, соопшти денеска локалната самоуправа.

Повеќе од 80 момчиња и девојчиња ќе добијат финансиска поддршка. Сè уште не е одлучена сумата што ќе ја добијат, бидејќи се чека потврда за вкупниот број на тие деца.

„Традицијата која заживеа на предлог на градоначалникот Нихат Бишевац станува симбол на нашата посветеност и грижа за најранливите членови на заедницата. Паричните подароци се наменети за деца сместени во установи за социјална заштита, под старателство и во згрижувачки семејства“, рече членот на градскиот совет Дениса Ќуриќ.

Таа додаде дека одлуката за паричниот износ ја донесува Градскиот совет, но дека поединечно утврдените средства нема да бидат помали во однос на лани.

Пренасочувањето на парите наменети за организација на новогодишните прослави во хуманитарни цели првпат го спроведе Нови Пазар во 2016 година, а оваа практика подоцна ја усвоија и другите градови.