Здружението „Пријатели на животните“ во Хрватска, овој месец покрена петиција со која бара чинот на напуштање на животните да се третира како кривично дело и да се санкционира со затвор, а за една недела ја потпишаа повеќе од 10.000 граѓани, соопштија во понеделникот од здружението.
„Пријатели на животните“ бара со измените на Кривичниот законик да се зголемат и казните за кривичните дела убивање или мачење животни.
„За само една недела над 10.000 граѓани се потпишаа на петицијата и со тоа кажаа дека им е доста од несанкционирање на неодговорноста на поединци и несоодветно казнување на злоставувачите на животни“, велат од здружението.
Напоменуваат дека напуштањето на животните засега се санкционира само како прекршок, што го сметаат за целосно нелогично и неприфатливо.
„Напуштањето на животните е посебен и крајно суров облик на злоупотреба на животните, кој има лоши последици не само за напуштените животни, туку и за општеството. „Кој остава животно е насилник бидејќи со заминувањето свесно и безмилосно го изложува животното на страв, страдање, глад, жед, топлина и студ, заразни болести, повреди или смрт од возила“, велат од Animal Friends.
Тие посочуваат дека покрај опасноста за самото животно, куче скитник, мачка, крава, коњ или друго напуштено животно на патот може да предизвика сообраќајни несреќи кои може да завршат трагично.
Посочуваат и дека секое напуштено животно е финансиски товар за градовите и општините кои се должни да ги покријат трошоците за нивното згрижување, како и евентуалната материјална штета предизвикана од нивното талкање и барање храна.
Тие наведуваат и дека значителен број на напуштени животни се згрижени од здруженијата за заштита на животните, кои секогаш се на првата линија на спасување на напуштени и малтретирани животни и секојдневно се сведоци на нивните безброј страшни судбини кога се напуштени или малтретирани.
