Македонија

Народната банка напредува со ЕУ-проектот за модернизација на статистичките системи

Народната банка напредува со ЕУ-проектот за модернизација на статистичките системи

Народната банка го продолжува процесот на модернизација на своите статистички и информатички системи, откако успешно ги реализираше првите две фази од проектот финансиран од Европската Унија, чија цел е унапредување на екстерните статистики, платежната статистика и платните системи.

Како што соопшти институцијата, во рамки на проектот „Зајакнување на капацитетот на Народната банка во областа на екстерните статистики, платежната статистика и платните системи“ успешно се завршени активностите поврзани со воспоставување склад на податоци за потребите на екстерните статистики.

Во првата фаза била извршена анализа на постојната состојба и подготвена функционална спецификација, додека во втората фаза бил изработен дизајнот на новото информатичко решение и нацрт-документот. Во наредниот период следуваат развојот, тестирањето и имплементацијата на системот.

Од Народната банка посочуваат дека новото решение ќе овозможи воспоставување современ склад на податоци, понатамошна дигитализација и оптимизација на интерните работни процеси, повисока оперативна ефикасност и обезбедување поквалитетни, посеопфатни и полесно достапни статистички податоци за институциите и јавноста.

Воедно, проектот претставува значајна поддршка за исполнување на обврските што произлегуваат од процесот на европска интеграција, преку усогласување со статистичките стандарди и практики на Европската Унија.

Покрај воспоставувањето на новиот склад на податоци, проектот опфаќа и воведување на меѓународниот стандард ISO 20022 во Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС), што треба дополнително да придонесе за модернизација на домашната платежна инфраструктура.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни