Несоодветни услови за сместување во дел од затворите, недостиг од здравствена заштита, недоволен број вработени и слаб напредок во спроведувањето на препораките – ова се дел од клучните забелешки во Извештајот на Националниот превентивен механизам (НПМ) за 2025 година, кој денеска беше презентиран од заменик-народниот правобранител Соња Трифуновска.
Во извештајот се наведува дека, и покрај континуираните укажувања до надлежните институции, состојбите во казнено-поправните установи со години остануваат речиси непроменети. Дел од препораките се реализирани, но најголемиот број сè уште не се спроведени, поради што проблемите продолжуваат да се повторуваат од година во година.
Националниот превентивен механизам констатира дека во повеќе затвори и понатаму постојат несоодветни сместувачки услови, а институциите се соочуваат и со сериозен недостиг од кадар. Дополнително, како проблем се посочуваат предизвиците во обезбедувањето навремена и достапна здравствена заштита за лицата лишени од слобода, како и недостигот од специјализирани обуки за дел од вработениот персонал.
Извештајот опфаќа и контроли во полициските станици, каде што повторно се евидентирани недостатоци. Според НПМ, и натаму недостигаат униформирани полициски службеници, условите за работа во дел од станиците не се соодветни, а во голем број случаи нема ниту посебни простории за разговор со деца, што претставува сериозен недостаток во постапувањето со малолетници.
Трифуновска посочи дека ова е 15-ти годишен извештај на Националниот превентивен механизам и нагласи дека институциите мора многу поодговорно да пристапат кон исполнување на препораките, бидејќи долгогодишното непреземање на мерки придонесува состојбите во затворите и полициските станици да останат на незадоволително ниво.
Според заклучоците на извештајот, без системски инвестиции, подобрување на инфраструктурата, кадровско зајакнување и целосно спроведување на препораките, не може да се очекува суштинско подобрување на условите во институциите каде што престојуваат лица лишени од слобода.