Кинеските власти можат да бараат територии на Месечината ако победат во новата вселенска трка со САД, изјави Бил Нелсон, шеф на американската Национална аеронаутичка и вселенска администрација (НАСА), во интервју за Политико.
Според него, САД се во нова вселенска трка со Кина. Шефот на НАСА верува дека доколку победи Пекинг, ќе може да бара огромни територии од Месечината. Тој верува дека Кина ќе ги фати деловите од површината на Месечината со најбогати ресурси, доколку најпрво може да се воспостави на природниот сателит на Земјата. „Факт е дека сме во вселенска трка. И вистина е дека подобро е да се погрижиме да не стигнат до некое место на Месечината под маската на научните истражувања. И можно е да кажат: Не доаѓајте овде, ние сме тука, ова е наша територија“, истакна Нелсон.
Тој смета дека ситуацијата со спорните острови во Јужното Кинеско Море е во срцето на овие тврдења. „Ако се сомневате во тоа, погледнете што им направија на островите Спратли“, додаде шефот на НАСА. Тој изрази уверување дека САД ќе испратат свои астронаути на Месечината во 2025 година како што е планирано. Нелсон изрази загриженост за темпото на подготовките на Кина за слетување на сателитот на Земјата. „Во текот на изминатата деценија, Кина постигна огромен напредок и достигнувања“, рече тој. „Вистина е и дека нивните временски рокови за слетување на Месечината се се поблиску и поблиску.
Пекинг ги отфрла овие тврдења. „Некои американски официјални лица зборуваат неодговорно за да ги нарушат нормалните и легитимни вселенски активности на Кина“, изјави за Политико Лиу Пењу, портпарол на кинеската амбасада во Вашингтон. „Кина категорично ги отфрла таквите изјави. Вселената не е бојно поле“, додаде тој.