Македонија

„Нашите деца не се вратија дома“: Родителите бараат формирање на Анкетната комисија за „Пулс“

„Нашите деца не се вратија дома“: Родителите бараат формирање на Анкетната комисија за „Пулс“
Фото: Марио Андоновски / 4NEWS.mk

Девет месеци по трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, парламентарната Анкетна комисија која требаше да ги испита околностите и институционалните пропусти сè уште не е формирана, иако Собранието едногласно донесе одлука за нејзино основање.

Родителите на 63-те загинати млади повторно бараат од власта и опозицијата да ја исполнат преземената обврска и да го започнат парламентарното испитување.

Од Здружението на граѓани „16-ти Март 2025 – Кочани“ велат дека семејствата повеќе не сакаат политички објаснувања, туку конкретни чекори и јасен рок.

„Јавно соопштете конкретен рок кога Комисијата ќе биде оформена и ќе започне со работа. Нашите деца не беа политичари. Тие беа млади луѓе кои излегоа да се забавуваат и требаше да се вратат дома. 63 од нив не се вратија“, порачаа од здружението.

Родителите бараат пред јавноста да се отворат сите прашања поврзани со трагедијата – кој знаел, кој контролирал, кој имал надлежност и не постапил и како било можно со години да постојат институционални пропусти кои сега се предмет на истраги и судски постапки.

Од здружението потсетуваат дека Анкетната комисија нема задача да утврдува кривична одговорност, туку да утврди каде потфрлил системот и дали постоела политичка одговорност.

„Системот не е апстрактен поим. Го сочинуваат институции, а институциите ги водат луѓе со име, презиме, функција и одговорност“, велат родителите.

Во меѓувреме, политичките партии продолжуваат со различни објаснувања за причините поради кои комисијата не е формирана. Од опозицискиот СДСМ, предводен од Венко Филипче, во изминатиот период имаше различни ставови околу номинирањето членови. Филипче сега посочува дека се очекува допис од претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, како причина ја посочуваат постојната Анкетна комисија за Кочани, со која претседава Димитар Апасиев. Според нив, не треба паралелно да работат две комисии за истиот случај.

Од Апасиев и Левица засега нема конкретен рок за продолжување на работата на постојаната Анкетна комисија. Од партијата претходно објаснуваа дека се усогласуваат ставовите со ВМРО-ДПМНЕ, која има свои предлози за заклучоци. Комисијата, во меѓувреме, не е меѓу приоритетите на ДУИ и Вреди.

Мандатот на Анкетната комисија, покрај трагедијата во „Пулс“, опфаќа и други случаи во кои имаше голем број жртви – пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој загинаа 14 лица, автобуската несреќа кај Ласкарци со 16 загинати, како и автобуската несреќа во Бугарија, во која животот го загубија 45 луѓе.

Во меѓувреме, во дел од овие случаи има нови разврски. ОЈО ГОКК ја затвори истрагата поврзана со набавката, тендерите и материјалите за модуларните болници. Врховниот суд ја укина пресудата за случајот „Ласкарци“, по што осудените лица излегоа од затвор, додека пред излегување од притвор е и сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов – Деко.

Додека институциите и политичките партии се повикуваат на различни процедури, семејствата на загинатите и понатаму бараат одговор кога конечно ќе започне парламентарното испитување на трагедијата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни