Наставничката на шестгодишната Катја, сведочејќи во Основен кривичен суд Скопје, го опиша последниот ден на девојчето на училиште, посочувајќи дека таа била расположена и среќна, без знаци на вознемиреност.
„На 2 март, понеделник, бев прва смена. На училиште Катја ја донесе баба ѝ, мајката на Ивана, го носеше ранецот. Влезе во училница, го предаде ранецот. Учениците се гушкаа со Катја, многу ја сакаа, ги наместија работите во шкафчињата, денот беше убав, излеговме во дворот, на што забележав дека Катја не ја носи ученичката униформа, па ја прашав каде ѝ е, рече дека не знае. Забележав дека носи елек и блуза, кои беа нови и стоеја етикетите на нив. Рече вчера бевме на шопинг со мама, беше многу среќна. Во 12 часот направивме примопредавање со колешката, јас си заминав, а колешката ми се јави некаде околу 20 часот вечерта вознемирена затоа што една од родителките ѝ се јавила и ѝ рекла дека Катја и мајка ѝ се мртви. Секој ден се слушавме со колешката во смисла на тоа како поминал денот, таа ми кажа дека Ивана ѝ се јавила околу 11.30 часот и ѝ рекла дека тој ден од училиште ќе ја земе баби ѝ, но подоцна околу 13.30 часот Ивана била во училиштето, а учениците биле надвор на физичко. По завршувањето на часот физичко, Ивана ја зела Катја од училиште“, заврши сведокот.
