НАТО и Американската армија од 6 до 15 октомври ќе ја спроведат годишната воена вежба Avenger Triad ’26 (Тријада на одмаздниците ’26), со цел подобрување на координацијата и соработката во Европа на потегот од Северна Норвешка до Црното Море, пренесува ДПА.
Во вежбата ќе учествуваат околу 2.000 припадници од земјите членки на Алијансата. Наместо класични маневри на терен, обуката ќе се одвива преку компјутерски симулации за команда и контрола. Со помош на вештачка интелигенција, современи технологии и мобилна комуникација во реално време, ќе се тестира брзината и ефикасноста на заедичкиот одговор во случај на евентуален напад.
Според претставниците на германската и американската армија во Висбаден, фокусот е ставен на брзата размена на информации преку границите и дигиталното следење на бојното поле – лекции кои директно произлегуваат од војната во Украина и брзиот развој на воените беспилотни летала.