Безбедносната состојба во Црното Море останува во фокусот на НАТО по нападите со дронови врз трговски бродови во близина на бугарскиот брег. Генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, најави дека НАТО ќе продолжи да соработува со сојузниците во регионот и, доколку е потребно, ќе ги приспособува мерките за одвраќање и одбрана.
Руте соопшти дека разговарал со бугарскиот премиер Румен Радев за неодамнешните инциденти во Црното Море, при што потсети дека Алијансата веќе го зајакнала своето присуство на источното крило.
„НАТО ќе продолжи тесно да соработува со своите сојузници во регионот. Веќе го зајакнавме нашето присуство на источното крило и ќе продолжиме да ја следиме безбедносната ситуација, прилагодувајќи ги нашите мерки за одвраќање и одбрана по потреба“, напиша Руте на социјалната мрежа Икс.
Нападите ги осуди и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која предупреди дека Црното Море станува ново жариште на ескалација во војната меѓу Русија и Украина. Таа порача дека одговорните мора да сносат последици.
Фон дер Лајен изрази солидарност со Бугарија и им се заблагодари на спасувачките екипи за брзата реакција.
Реагираше и украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, кој ја обвини Русија за непочитување на човечките животи и поморската безбедност. Тој повика на зголемување на притисокот врз Москва, заострување на санкциите и преземање мерки за заштита на слободата на пловидба.
Сибиха нагласи дека Црното Море има клучно значење за глобалната безбедност на снабдувањето со храна, обвинувајќи ја Русија дека се обидува да ја искористи храната како средство за притисок врз меѓународната заедница.
Два трговски брода беа погодени во одделни инциденти во текот на ноќта во близина на бугарскиот брег. Едниот брод потона, при што 11 морнари се водат како исчезнати, додека петмина биле спасени. Екипажот на вториот брод, составен од седум украински и осум азербејџански државјани, бил спасен.
Засега не се дефинитивно утврдени потеклото на дроновите и околностите под кои се случиле двата напада.