Родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ реагираа по денешното судење со полициските службеници, посочувајќи дека концертот во објектот требало да биде спречен уште пред да започне, со оглед на тоа што дискотеката немала законска документација за работа и одржување настани.
„Што требало да направи полицијата таа вечер?“, прашуваат родителите, кои бараат да се утврди одговорноста за трагедијата во која загинаа 63 лица, а 218 беа повредени.
Во реакцијата тие прашуваат како ќе се докаже дека полициските службеници не се одговорни за непреземањето навремени мерки, кога последиците од пожарот се толку тешки.
Родителите нагласуваат дека не бараат однапред да се утврди вина, туку вистината и одговорноста да произлезат од доказите изведени во судската постапка.
Тие воедно апелираат одбраната да не ја одолговлекува постапката со, како што наведуваат, небитни прашања, туку судењето да се одвива ефикасно и да придонесе за утврдување на одговорноста.
„Ниту една униформа или функција не смее да биде пречка за утврдување на одговорноста“, порачуваат родителите на загинатите во трагедијата во „Пулс“.