Семејствата на жртвите од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани во изминатата година организирале 38 протестни марша со кои бараат правда и одговорност за загинатите, изјави Александар Наунов, татко на Надица Наунова, во емисијата „Раната Кочани“, специјално отворено студио на 4ТВ.
Тој посочи дека од вкупниот број протести, два биле одржани во Скопје, а организирани биле и пет блокади на кружниот тек кај „Спорт Реалити“ со цел да се изврши притисок за започнување на судскиот процес.
„Секој марш кај нас следи по судските рочишта што се одржуваат во судницата во Идризово. Будно ги следиме сите случувања и на маршевите ја бараме вистинската правда за нашите деца, но и ваква трагедија никогаш повеќе да не се повтори“, изјави Наунов.
Тој нагласи дека целта на протестите е институциите да преземат одговорност и државата да се ослободи од корупцијата во системот.
„Нашите деца ги убија партиските книшки и партиските војници. Секој треба да работи во својата струка и да ја сноси одговорноста за она што го прави“, рече Наунов.
Тој додаде дека семејствата ќе продолжат со протестите сè додека, како што вели, вистинските виновници не одговараат пред правдата.
„Ќе продолжиме да излегуваме на маршевите и да ја бараме правдата – за нашите деца, за идните генерации и ваква трагедија никогаш повеќе да не се повтори“, порача Наунов.