Македонија

„Не сакам да бидам нем послушник“, порача Миле Цеков по заминувањето од ЗНАМ

„Не сакам да бидам нем послушник“, порача Миле Цеков по заминувањето од ЗНАМ

Пратеникот Миле Цеков во емисијата Ноќно студио на 4ТВ отвори серија тешки прашања за состојбата во власта, односите во ЗНАМ и, како што рече, „целосното отсуство на вистинска борба против криминалот и корупцијата“.

Во своето најотворено јавно интервју досега, Цеков објасни дека неговото заминување од ЗНАМ и одлуката да дејствува како независен пратеник не биле резултат на еден конфликт, туку на подолг период на разочарувања и несогласувања околу политиките што, според него, партијата ги ветувала пред изборите.

„Не беше само еден момент. Со текот на времето сфатив дека реалноста е различна од ветувањата“, порача Цеков.

„Каде се резултатите?“

Пратеникот жестоко ја критикуваше актуелната состојба во државата, тврдејќи дека граѓаните и понатаму живеат со исти проблеми – ниски плати, слаб животен стандард, нефункционално здравство и образование, како и загаден воздух.

„Ветувавме достоинствени плати, борба против криминалот и подобар живот. Денес младите се иселуваат, луѓето се разочарани, а јас не гледам суштински промени“, изјави тој.

Цеков смета дека и покрај стотиците изгласани закони во Собранието, улогата на ЗНАМ во власта останала речиси незабележлива.

„Се поставува прашањето – што всушност придонесовме и која беше нашата улога во коалицијата?“, праша тој.

Несогласувања за минималната плата и земјоделците

Како дел од причините за разидувањето со партијата, Цеков ги наведе и неговите предлози што не добиле поддршка од колегите.

Меѓу нив се иницијативите за зголемување на минималната плата, повисоки приходи за работниците и антикризни мерки за земјоделците.

Тој откри дека предложил и зголемување на прагот за оданочување од 2 на 4 милиони денари, со цел олеснување за малите фирми и земјоделците, но предлогот не стигнал ниту до собраниска процедура.

Дополнително, останува и на ставот против измените на Законот за минерални суровини, нагласувајќи дека на тоа прашање бил доследен и пред изборите.

Прашања без одговор за „унгарскиот кредит“

Цеков упати и директни критики за нетранспарентноста во јавните финансии.

Тој рече дека барал да се објават компаниите што добиле средства од т.н. „унгарски кредит“, но, како што тврди, никогаш не добил одговор.

„Ако зборуваме за правна држава и отчетност, тогаш јавноста мора да знае каде завршуваат парите“, порача пратеникот.

„Не сум барал тендери“

Осврнувајќи се на обвинувањата дека неговото повлекување е поврзано со лични бизнис-интереси, Цеков категорично ги негираше таквите тврдења.

„Ниту јас, ниту моето семејство побарало тендер, вработување или лиценца. Ако постои нешто такво – нека се објави веднаш“, рече тој.

Потсети дека доаѓа од приватниот сектор и дека со години бил дел од стопанските комори, каде работел со компании од југоисточниот регион.

Воедно, тој упати критика кон политичари кои, според него, „не знаат како функционира реалната економија“.

„Најважни се проблемите на граѓаните“

Иако неговото заминување од ЗНАМ предизвика силни реакции на политичката сцена, Цеков порача дека фокусот не треба да биде ставен на него лично.

„Мојата одлука е помалку важна од реалните проблеми со кои се соочуваат граѓаните секој ден“, заклучи пратеникот.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни