Македонија

Небанкарскиот финансиски сектор порасна за 22,1 отсто за една година

Небанкарскиот финансиски сектор порасна за 22,1 отсто за една година

Небанкарскиот финансиски сектор во вториот квартал од 2026 година бележи значителен раст, при што вкупните средства на останатите финансиски институции достигнаа 336,36 милијарди денари. Тоа е зголемување од 7,2 отсто во однос на претходниот квартал, односно 22,1 отсто на годишно ниво.

Останатите финансиски институции учествуваат со 23,3 отсто во вкупните средства на финансискиот систем. Најголем дел од нивната структура отпаѓа на пензиските фондови, со учество од 63,7 отсто, додека осигурителните друштва учествуваат со 13,5 отсто.

Најзначаен придонес кон растот имаат пензиските фондови, чии вкупни средства во вториот квартал се зголемиле за 8 отсто квартално и 21 отсто годишно. Растот главно се должи на зголемените вложувања во сопственички и должнички хартии од вредност.

Уште повисоки стапки на раст се забележуваат кај инвестициските фондови. Нивните средства се зголемиле за 12,3 отсто во однос на претходниот квартал, а на годишно ниво растот достигнал 44,2 отсто. Во овој случај, најголемо влијание имаат зголемените вложувања во сопственички хартии од вредност, како и растот на валутите и депозитите.

Позитивен тренд има и кај осигурителните друштва, чии вкупни средства се зголемиле за 3 отсто квартално, а за 8,8 отсто на годишно ниво. Растот во најголем дел произлегува од повисоките инвестиции во должнички и сопственички хартии од вредност.

Од друга страна, финансиските друштва во вториот квартал регистрирале пад на средствата од 1,1 отсто на квартално ниво. Сепак, во споредба со истиот период минатата година, нивните средства се зголемиле за значителни 30,3 отсто. Најголем дел од средствата се однесуваат на побарувања врз основа на кредити, кои достигнале 15,97 милијарди денари.

Кај овие друштва кредитирањето е намалено за 1,9 отсто квартално, но на годишно ниво бележи раст од 28,6 отсто.

Раст продолжува да бележи и секторот на финансискиот лизинг. Вкупните средства на друштвата за финансиски лизинг се зголемиле за 4,8 отсто во однос на претходниот квартал, односно за 21,7 отсто на годишно ниво. Побарувањата врз основа на кредити достигнале 13,91 милијарда денари, додека кредитирањето е зголемено за 6,6 отсто квартално и 23,3 отсто годишно.

Податоците покажуваат дека растот на небанкарскиот финансиски сектор во вториот квартал од годината најмногу е поттикнат од пензиските и инвестициските фондови, но позитивни движења се забележуваат и кај осигурителниот и лизинг-секторот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни