НЕБЕСНИ ЧЕСТИТКИ ЗА НОВА ГОДИНА: Мегаастериод се приближува кон Земјата на крајот на декември!

Астероид со пречник од 190 метри, чиј удар би предизвикал уништување поголемо од атомска бомба, лета кон Земјата и ќе и се приближи на 27 декември.

Астероидот што се приближува го доби името 2018 AH и е снимен од системот за следење на астероиди на НАСА. Не би требало да ја погоди нашата планета, туку само ќе и се приближи на оддалеченост од 4,5 милиони километри, околу 12 пати подалеку од растојанието до Месечината, наведува „Џерусалим пост“.

Овој астероид веќе еднаш и се приближил на Земјата, на многу помало растојание. Во 2018 година прелета на растојание од 296.758 километри, што е три четвртини од патот од нашата планета до Месечината. Потоа се приближил незабележано и астрономите не го виделе додека не поминал покрај Земјата.

Оттогаш, ниту еден поголем астероид не се приближил до Земјата, а не се очекува дури ни во 2028 година, кога треба да пристигне огромниот, речиси километарски долг 2001 WN5.

НАСА предупредува дека секој астероид поголем од 140 метри во дијаметар може да има катастрофални последици за Земјата.

Затоа вселенската агенција неодамна го лансираше вселенското летало Дарт во пробна мисија за пренасочување на орбитите на астероидите кои претставуваат потенцијална или реална опасност за Земјата.