Нелоска: СДСМ имаше „план за живот“, а граѓаните остануваат без матични лекари

Ленче Нелоска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека здравството е во алармантна позиција, откако неколку илјадници граѓани ќе останат без матичен лекар и тоа поради неспособноста на Владата.

„Здравствениот систем во Македонија е во колапс. СДСМ имаше „План за живот“, и вети дека ќе се работи на здрава примарната здравствена заштита. Но, очигледно или не ја сфаќаат или не сакаат да ја сфатат. Примарната здрваствена заштита е во слободен пад.

Се вчитува...

Матичните лекари и стоматолозите добија најлоши предлог договори за наредните пет години од Фондот за здравствено осигурување, а со високите казни во договорите се доведува во прашање и нивното опстојување.

СДСМ, пак, ветуваше намалување на високите казни за матичните доктори, а сега гледаме дека излажа. Матичните доктори протестираа, но, прашање  е дали воопшто некој ги слуша.

СДСМ ветуваше и покачување на капитациониот бод на матичните доктори на 90 денари-излажа. Ветуваше укинување на квотите за рецепти и боледувања-излажа.

Дополнително, годинава од две поликлиники во Скопје три матични доктори заминаа во пензија, а најдоцна до крајот на годинава заминува уште еден матичен лекар. Значи дека околу десет илјади граѓани во Скопје ќе останат без матичен лекар. Здравствен дом Скопје не распишува тендер за концесионери како што предвидува Законот за здравствена заштита. Предвидлив е фактот дека до крајот на годината околу 30 доктори  од примарното здравство низ цела Македонија ќе заминат во пензија, а околу 60 илјади граѓани ќе останат без матични лекари. Во Македонија многу ординации ќе останат празни. Ако се земе предвид дека просечната возраст кај матичните доктори е 57 години, очекувано е дополнително влошување на состојбата за 5 години кога може да се случи многу градови да останат без доктори во примарното здравство“, рече Нелоска.

Извор: ТВ21