Нема да има старт на преговорите?! Бугарија прави проблеми, ЕК порачува договорите да се почитуваат

Бугарскиот историчар и професор Стефан Дечев не се согласува со политиките на државниот врв на својата земја кон Македонија и вели дека крајно време е Бугарија да престане со претензиите кон македонскиот јазик. Тој ова го изјави во интервју за Блумберг Бугарија во која истакнува дека македонската нација со сите специфики и особености е создадена како и сите други нации.

Се вчитува...

„Треба да се сфати дека дијалектот е само дијалект и тој нема име. Официјалниот јазик на една држава не може да биде дијалект. Додека не се разбере дека идентитетот на една нација е динамична и нацијата не се предава по генетичен пат, секакви разговори на мешани комисии меѓу Бугарија и Македонија ќе бидат излишни и ќе одат во слепа улица.“, вели Дечев.

Иако постојано велеше дека Бугарија е наш пријател и братска земја, вчера премиерот Заев рече дека тоа што е предложено од Софија не е ниту братски ниту европски и дека треба да очекуваме да бидеме попречени во почетокот на преговорите. На ваквата изјава на Заев од Европската комисијата не сакаа да дадат конкретна изјава, само истакнаа дека за нив е важно да се имплементираат билатералните договори.

„Мислам дека за нас е многу јасно дека постојат добрососедски односи на Западен Балкан и дека регионалната соработка е врвен елемент во процесот на проширување и во процесот на стабилизација и асоцијација. Договорот од Преспа Договорот за добрососедство со Бугарија е многу позитивен пример и за нас е многу важно дека овие билатерални договори продолжуваат да се имплементираат од сите страни“, изјави Ана Писонеро Хернандес, портпарол на ЕК.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека цело време Заев зборувал невистини дека имаме договори со соседите кои ги затвораат отворените прашања.

„Пред неколку години Зоран Заев јавно изјавуваше и ги смируваше граѓаните дека сите прашања на надворешен план се затворени. Сега гледаме дека тоа биле само лаги, дека биле лажни надежи за граѓаните и гледаме дека конечно Зоран Заев призна дека неколку години наназад ги лажел граѓаните.“, изјави Димче Арсовски.

Во петокот министерот за надворешни работи, Бујар Османи беше во негова прва официјална посета токму на Бугарија каде имаше средби со премиерот Бојко Борисов и неговата колешка Екатерина Захариева, но во нивните изјави немаше поместување на ставовите околу македонскиот јазик и нација.

.

Извор: ТВ21