Претставниците на новоформираната демократска платформа, составена од актуелни и поранешни функционери на СДСМ, велат дека немаат намера да формираат нова политичка партија ниту да настапат со независни листи на следните парламентарни избори.
На денешниот брифинг тие порачаа дека нивната цел е окрупнување на опозицискиот фронт, промени во раководството на СДСМ и враќање на довербата кај граѓаните кои, според нив, се разочарани од неисполнетите очекувања од периодот 2016–2017 година.
Игор Ивановски, еден од претставниците на платформата, рече дека иницијативата нема амбиција да прерасне во нов политички субјект.
„Не сме и нема да бидеме нова политичка партија. Нема да бидеме ни ЗНАМ, ни НСДП. Нема да правиме ниту независни листи за парламентарните избори. Целта ни е да помогнеме и да ги обединиме сите во една граѓанска, мултиетничка платформа и да дојде до промена на ова раководство на СДСМ. Крајната цел е победа над оваа власт. СДСМ се бореше против заробена држава, а стана заробена партија“, рече Ивановски.
На брифингот присуствуваа и Гордан Георгиев, Андреј Петров, Славјанка Петровска, Никола Ќуркчиев и Емилијан Станковиќ.
Според нивните оценки, кај граѓаните постои изразено опозициско расположение, но недостига силна и организирана политичка алтернатива. Тие најавија разговори со граѓани, организации и политички партии за пошироко обединување на опозицијата.
Ивановски оцени дека рејтингот на актуелната власт, според нив, не произлегува од нејзините резултати, туку од слабоста на опозицијата.
„Оваа влада покажа отсуство на желба за борба против корупцијата, отсуство на волја за реформи, пред сè во правосудството, како и недостиг од сервисни политики во здравството, образованието и економијата. Но, причината поради која Владата има висок рејтинг е отсуството на способна, ефикасна и силна опозиција“, рече Ивановски.
Тој нагласи дека платформата прави јасна разлика меѓу членството и структурата на СДСМ, од една страна, и актуелното партиско раководство, од друга.
„Правиме разлика меѓу раководството на СДСМ и СДСМ. СДСМ се бореше против заробена држава, а стана заробена партија“, додаде Ивановски.
Поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка од СДСМ, Славјанка Петровска, рече дека јавното дејствување на платформата следува по речиси две години внатрепартиски разговори и обиди за промени.
Според неа, имала повеќе разговори и со претседателот на СДСМ, Венко Филипче, но договорените промени не биле реализирани.
„Подолг период зборував одвнатре во партијата. Имав неколку разговори со претседателот на партијата и тие или завршуваа со одмолчување или со потврдување, а потоа со неспроведување на договореното. Затоа, по две години решивме медиумски да се појавиме. Имав непристојни понуди од раководството да бидам дел од него, за сметка на тоа да туркам работи под маса. Јас не се согласив“, рече Петровска.
Таа оцени дека луѓето кои се дел од платформата не се проблемот на СДСМ, туку можат да бидат дел од решението за состојбите во партијата.
Критики кон актуелното раководство упатија и Емилијан Станковиќ и Андреј Петров. Станковиќ оцени дека Филипче не е соодветен да ја предводи партијата и рече дека платформата има план за структурни промени во СДСМ.
„Филипче не е претставник на членството на СДСМ. Тој зема членска книшка пред да стане министер. Кога ние се боревме против режимот, Филипче беше дел од контрапленумот. Имаме план како да предизвикаме структурни промени во СДСМ, но прво ќе му ги кажеме на Филипче“, рече Станковиќ.
Од платформата истовремено негираа дека нивното дејствување е поврзано или координирано со поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев.
Следната рунда разговори на демократската платформа е најавена за сабота во 12:05 часот.