Македонија

„Нема повеќе изговори, ниту една жена повеќе“ – од протестот во Скопје испратен ултиматум до пратениците

„Нема повеќе изговори, ниту една жена повеќе“ – од протестот во Скопје испратен ултиматум до пратениците

Со пораки за крај на институционалниот молк, ефикасна заштита на жените и строго санкционирање на фемицидот, неколку стотини граѓани попладнево излегоа на протестен марш низ центарот на Скопје, по повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените и девојчињата.

Под слоганот „Ниту една повеќе“, протестниот марш започна во паркот „Жена Борец“, продолжи пред Собранието, а потоа демонстрантите се упатија кон Министерството за внатрешни работи.

Од пред Собранието беше испратен ултиматум до пратениците – најдоцна до 10 декември да преземат конкретни чекори за донесување на законските измени и унапредување на системот за заштита од насилство.

„Нема повеќе изговори. Да не дозволиме да закопате уште една жена. Женската борба денес е борба за живот“, порачаа активистите.

Граѓанските организации ги обвинија институциите за недоволна и ненавремена реакција, потсетувајќи дека уште во април годинава била формирана работна група за подготовка на пакет од осум законски решенија, кои сè уште не се донесени.

Организаторите бараат конкретни рокови, институционална одговорност и функционален систем за превенција и заштита на жртвите, наместо реакции по секој нов случај на фемицид.

Доколку нивните барања не бидат исполнети, активистите најавија нов протест пред Собранието на 10 декември, на Меѓународниот ден на човековите права.

За завршницата на маршот пред Министерството за внатрешни работи беше најавено поставување импровизирано гробно место, како симболичен потсетник на жените чии животи беа насилно одземени.

Ноќно студио

Најнова епизода

Саша Богдановиќ за Српската демократска лига и изборите во Србија | Ноќно студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни