Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се појави во емисијата на конзервативниот политички коментатор и водител Бен Шапиро. Тој предупреди дека Иран развива интерконтинентални балистички ракети кои би можеле „да ги стават Њујорк, Бостон, Вашингтон или Мајами под неговото нуклеарно оружје“.
„Иран може да уценува кој било американски град. Луѓето не веруваат во тоа. Иран развива интерконтинентални ракети со дострел од 8.000 километри, додадете уште 3.000 и тие можат да стигнат до источниот брег на Соединетите Американски Држави“, тврдеше тој.
„Тоа е навистина голема опасност, не сакате да бидете под нуклеарното оружје на овие луѓе, кои не се нужно рационални и скандираат „смрт за Америка“. Мислам дека Израел одлично ја држи таа опасност надвор“, продолжи Нетанјаху.
Тој зборуваше за израелското разузнавање и како тоа им помага не само на Израел, туку и на Соединетите Американски Држави да ги заштитат цивилите. „Спречивме соборување авиони од страна на ИСИЛ и терористички напади низ целиот свет“, нагласи тој.
Тој исто така рече дека смета оти крајот на војната во Газа е близу, но нагласи дека тоа не може да се направи ако Хамас остане на власт по воспоставувањето на прекин на огнот.
„Мислам дека сме блиску до крајот на војната, но сè уште не сме таму. Точно пред две години се случија најлошите злосторства извршени врз Евреите од Холокаустот. Сите мислеа дека Израел е осуден на пропаст. Две години подоцна, ја уништивме иранската оска со повеќето нивни посредници“, изјави тој.
„Израел излезе од овој ужасен ден како најсилна сила на Блискиот Исток, но сè уште имаме работа за да ја завршиме мисијата. Она што започна во Газа ќе заврши во Газа со ослободување на 46 наши заложници, од кои 20 се уште се живи, и крајот на владеењето на Хамас“, објави тој.