Силно невреме попладнево зафати делови од БиХ, каде интензивен град и пороен дожд предизвикаа проблеми во повеќе населени места.
Во Мостар, невремето беше проследено со грмежи и засилен јужен ветер, а во одредени делови, како населбата Мазољице, улиците беа покриени со значителни количини ледени зрна. Слични сцени беа забележани и во Неум и Меѓугорје, каде граѓаните сведочеа за појава на крупен град.
Надлежните служби предупредуваат дека нестабилното време ќе продолжи и во наредниот период. Федералниот хидрометеоролошки институт издаде портокалово предупредување за целата територија на Босна и Херцеговина поради очекувани обилни врнежи и силен ветер.
Во северозападните делови, особено во регионот Краина, се очекува дождот постепено да премине во лапавица и снег, при што според прогнозите можна е снежна покривка и до 40 сантиметри. Во планинските предели на централна Босна се прогнозираат до 15 сантиметри снег.
Дополнителен проблем претставуваат и силните налети на јужен и југоисточен ветер, кои на места ќе достигнуваат брзина од 40 до 75 километри на час.
Во Брадина, според локални извештаи, снегот веќе ги покрил патиштата, видливоста е намалена, а сообраќајот се одвива отежнато, што претставува ризик за возачите.
Надлежните апелираат на зголемена внимателност, особено при движење на повисоките и планинските патни правци.
